Абортусот претставува вештачко прекинување на бременоста кое се извршува на два начини: со лекови и со хируршки зафат. За жал, ниту еден искусен специјалист не би можел да даде 100% гаранција дека абортусот би поминал без никакви компликации и последици по здравјето на жената.
Постојат одредени физички и емоционални ризици и последици од абортусот коишто можат да се појават по направениот абортус.
Физички ризици
1. Инфекција
Најчести и најопасни се инфективните компликации. Штетните микроорганизми навлегуваат во матката и може да предизвикаат тешки воспаленија. Понекогаш се развива бактериски или септичен шок кој е директна закана за животот на жената.
2. Крварење
Може да се развие пореметување во коагулацијата како компликација од абортусот. Ова значи дека крвта не може да запре и може да дојде до неконтролирано крварење. Ова сериозно пореметување е тешко за третирање и е опасно по животот.
3. Перфорација
Понекогаш се случува да инструментот за абортус случајно во текот на процедурата го пробие ѕидот на матката при што може да дојде до повреда на некои внатречни органи. Доколку се случи ова може да биде потребно да се изврши тешка операција. Оваа компликација може да предизвика обилно крварење.
4. Неуспешен абортус
Неуспешен абортус на ембрион помал од 6 недели е релативно вообичаена појава. Понекогаш докторот не успева да ја отстрани плацентата од матката. Ова значи дека бременоста продолжува и покрај тоа што мајката била изложена на ризиците од абортусот и трошоците за него.
5. Влијание врз идните бремености
Ризикот за спонтан абортус во следните бремености е поголем особено ако жената имала два или повеќе абортуси.
6. Стерилитет
Абортусот може да предизвика стерилитет. Оваа компликација е доста честа. Во праксата на скоро секој гинеколог има случај кога целосно здрава жена која дошла на абортус, ја изгубила својата понатамошна шанса да стане мајка.
Можни емоционални ризици и последици
Многу од жените коишто од било која причина се одлучиле за абортус, во иднина можат да се соочат со негативни психолошки последици. Жените се соочуваат со лавина од емоции непосредно по абортусот или дури и повеќе години подоцна.
Оваа психолошка реакција е позната како Пост – абортивен стрес (ПАС).
Некои од симптомите на ПАС се: тага, чувство на празнина, чувство на вина, ноќни мори, депресија, сексуална дисфункција, реакција на годишнината од абортусот и други.
Доколку се справуваш со непланирана бременост или искуство на репродуктивна загуба (абортус или спонтан абортус) и имаш потреба од разгвоор и поддршка нашиот тим е тука за тебе! Исконтактирај нè!