Техники на абортус
Медикаментозен абортус
Употребата на медикаментозниот абортус се практикува во периодот на првиот триместар (до деветата гестациска недела). Иако овој тип на абортус се опишува како “лесен и брз“ начин да се абортира во приватноста на својот дом, сепак во текот на целата процедура потребно е да се посети лекар најмалку три пати.
Најпрвин лекарот дава орална доза од таблетата mifepristone, чија улога е да ја омекне и одлепи лигавицата од матката со што се прекинува врската помеѓу плодот и матката. Втората таблета misoprostol, која се дава најчесто после 24 часа од земањето на првата таблета, предизвикува силни контракции и обилно крварење при што плодот се истиснува и се исфрла надвор од матката.
Овие лекови се добиваат во здравствената установа или болницата, додека останатиот дел од процедурата, односно исфрлањето на плодот, најчесто се случува во домашни услови.
Како и останатите процедури на абортус, така и медикаментозниот абортус со себе носи одредени ризици по здравјето на жената.
Најчести ризици/компликации се: обилно и продолжено крварење, недовршување на абортивниот процес, силна болка, инфекција.
Овој тип на абортус може да влијае негативно на психичкото здравје на жената, бидејќи при исфрлањето на плодот, таа може да ги види деловите од телото на веќе оформениот ембрион.
Хируршки абортус
Хируршкиот абортус претставува метода на прекин на бременоста која во себе вклучува отварање на грлото на матката и отстранување на плодот со користење на хируршки инструменти.
Во зависност од фазата на бременоста, зависи и техниката која ќе се користи.
До 12 недела се користи методата на дилатација (ширење) на грлото на матката и ендометријална аспирација, каде со силата на вакум се извлекува плодот и другите остатоци. Потоа со користење на кирета, инструмент со остри рабови, се струга ѕидот на матката и се завршува процедурата.
Доколку плодот е поголем од 12 недели, со инструмент се шири грлото на матката, потоа со употреба на форцепс клешта се раскинуваат деловите од телото на плодот. Постапката се довршува со вакум аспирација и киретажа. Оваа процедура е прилично ризична за мајката, па лекарите ја избегнуваат.
Доцен абортус – предизвикување на предвремено породување
Доцниот абортус се применува после 20 недела од бременоста. Оваа техника во себе вклучува апликација на натриум хлорид во амнионтската течност (плодова вода) или вбризгување на калиум хлорид директно во срцето на плодот, при што и во двата случаи настапува смрт на плодот. Потоа, преку инфузија се даваат медикаменти кои предизвикуваат контракции и предвремено породување.
Ризици и компликации од абортусот
Како и секоја друга медицинска интервенција, така и абортусот, извршена дури и во најидеални услови, со себе носи одредени ризици и последици по здравјето на жената.
Ризиците и компликациите од абортусот се зголемуваат како што одминува бременоста и зависат од повеќе фактори меѓу кои е и искуството на гинекологот, методата на прекин на бременоста, однесувањето на жената после абортусот и др. Важно е да се истакне дека ризикот од компликации е поголем доколку се работи за прекин на прва бременост.
Компликации од абортусот може да се појават во текот на интервенцијата и тоа најчесто како компликација од анестезија, обилно крварење, повреда или перфорација на ѕидот на матката и др. Исто така можат да се појават компликации после неколку дена од абортусот во форма на продолжено крварење, грчеви и болки од насобрана крв во матката или од заостанато ткиво од плодот, неуспешен абортус, инфекција и слично. Доцни компликации се оние кои ќе се појават после еден месец и подоцна од извршениот абортус, а се однесуваат на неможност за повторно забременување, ризик од спонтан абортус, Rh сензибилизација – доколку жената со негативен Rh фактор не земала заштита, пореметување во менструалниот циклус др.
При медикаментозниот абортус, несаканите ефекти во себе вклучуваат болки, грчеви во стомакот, гадење и дијареа и постои ризик од неуспешен односно некомплетен абортус при што лекарот ќе мора да направи хируршки абортус.
Ризик од психолошки последици по направен абортус
Некои жени и нивните партнери доживуваат чувство на олеснување непосредно по направениот абортус, но дел од нив подоцна се соочуваат со чувства коишто претходно воопшто не ги ни очекувале. Чувства за кои подоцна им е многу тешко да зборуваат.
Чувството на вина, вознемиреност, страв, тага, чувство на празнина, депресивно расположение, нарушен сон и апетит… Тоа се само дел нештата со коишто жената може да се справи како психолошка последица по направениот абортус.
Доколку имаш искуство на абортус можеби си искусила некои од наведените последици. Доколку имаш потреба да разговараш со стручно лице, да добиеш разбирање и психолошка поддршка
контактирај нѐ денес. Нашиот тим е тука за ТЕБЕ!