Медикаментозен абортус претставува прекин на бременоста со помош на таблети кои се ординирани од страна на лекар, гинеколог. Овие лекови се добиваат во здравствена установа или болницата, додека останатиот дел од процедурата, односно исфрлањето на плодот, се случува во домашни услови.
Употребата на медикаментозниот абортус се практикува најчесто во периодот на првиот триместар (до деветтата гестациска недела), а во некои случаи и до 12 недела, меѓутоа во тој случај жената останува во болница и целата процедура е под надзор на медицински персонал. Иако овој тип на абортус се опишува како “лесен и брз“ начин да се абортира во приватноста на својот дом, сепак во текот на целата процедура потребно е да се посети лекар најмалку три пати.
Процедура
При првата посета, лекарот дава орална доза од таблетата mifepristone позната уште и како RU 486. Оваа таблета има улога да го блокира прогестеронот кој всушност ја подготвува обвивката на матката и ја прави погодна за развојот на бременоста. На тој начин, обвивката на матката омекнува и се одлепува, со што се прекинува врската помеѓу плодот и матката.
Втората таблета misoprostol, се дава најчесто после 24 до 48 часа од земањето на првата таблета. Misoprostol – от предизвикува силни контракции и обилно крварење при што плодот се истиснува и се исфрла надвор од матката.
Пообилно крварење и силна болка се очекува во првите два дена, а во следните две недели се очекува крварењето да намали и да сопре.
Третиот преглед кај гинекологот вообичаено се закажува за две недели кога ќе треба да се утврди дали абортусот е комплетен и да се интервенира во случај да има остатоци од плодот или обвивките.
Во кои случаи е контраиндициран медикаментозниот абортус?
- Постоење на ектопична(вонматерична) бременост
- Претходна алергиска реакција на еден од лековите
- Наследна порфирија
- Хронична адренална инсуфициенција
- Болести поврзани со пореметувања во коагулацијата
- Тешки анемии
- Rh некомпатибилност
- Бубрежни заболувања
Кои се најчестите нуспојави?
После земањето на пилулата за абортус, многу очекувано е да се појават некои нуспојави и непријатности. Ова може да вклучи:
- Грчеви проследени со болка
- Гадење
- Повраќање и диареа
- Обилно крварење
- Силна стомачна болка
- Покачена температура и треска
Дали постојат ризици од компликации при примена на медикаментозниот абортус?
Иако медикаментозниот абортус е претставен како “брз и лесен“ начин за прекин на бременоста, сепак треба да се знае дека во некои случаи можат да настанат некои компликации и затоа мора да се изведува само по препорака и надзор од лекар и во места каде има достапна здравствена установа која би пружила соодветна помош доколку се јави потреба од истата.
Најчести ризици/компликации се:
- Продолжено обилно крварење – во овој случај лекарот мора да даде соодветна терапија за да го сопре крварењето.
- Недовршување на абортивниот процес – во овој случај мора да се доврши абортусот во болнички услови со примена на вакум аспирација или киретажа.
- Силна болка – се даваат аналгетици за смирување на болката
- Инфекција – се третира со антибиотици
Како медикаментозниот абортус може да влијае на психичкото здравје на жената?
Некои жени и нивните партнери доживуваат чувство на олеснување непосредно по направениот абортус, но дел од нив подоцна се соочуваат со чувства коишто претходно воопшто не ги ни очекувале. Чувства за кои подоцна им е многу тешко да зборуваат.
Чувството на вина, вознемиреност, страв, тага, чувство на празнина, депресивно расположение, нарушен сон и апетит. Тоа се само дел од нештата со коишто жената може да се соочи како психолошка последица по направениот абортус.
Важни препораки!
Никогаш немојте да земате пилули за абортус доколку истите се набавени на сомнителен начин и не се по препорака и надзор од гинеколог!
- Пилулата за абортус и Пилула за ден
потоа се две различни пилули и имаат различна примена.
- Може да забремените многу кратко после абортусот, доколку не користите некоја метода за заштита од несакана бременост.
- Избегнувајте сексуални односи најмалку седум дена после земањето на пилулата за абортус.
- Доколку се посомневате дека нешто не е во ред, веднаш побарајте помош од лекар.
- Доколку имате психолошки проблеми после абортусот, побарајте помош од стручно лице.